Добре дојдовте на инфо страната од МПЦО Свети Наум Охридски Виена, оваа веб страница е изработена за подобра информираност на сите македонци кој живеат и работат во Република Австрија

† Kако да се однесуваме во храмот

Share Button

KАКО ДА СЕ ОДНЕСУВАМЕ ВО ХРАМОТ

Кога ќе пристигнеме пред вратата на храмот треба да застанеме, за да ја направиме нашата последна духовна подготовка. Треба со вера да се прекрстиме, односно, на себе да го изобразиме крстот, и тоа правилно, за да не би се подигрувале со крстот, оти со тоа правиме голем грев. Ако правилно се прекрстиме, тогаш на тој начин ја исповедаме верата во Троединиот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух и ја исповедаме Христовата победа над злото и сатаната извршена на крстот, но, ја исповедаме и нашата доверба во однос на тоа што Бог правел, прави и ќе прави во иднина за нас како Негови созданија и возљубени чеда. Потоа влегуваме во храмот за да се вклучиме во молитвата на Црквата. Оние кои во храмот влегуваат по заповед (наредба) на разни бајачи, јасновидци и гатачи – за да извршуваат разни недолични нешта – треба да знаат дека со тоа прават грев пред Бога и си нанесуваат голема душевна и духовна штета – губејќи го благословот и заштитата Божја. Потребно е истите што побргу да престанат со таа пракса и да побараат совет од парохиските свештеници и да се исповедаат за сторениот грев.

1) – Во храмот, треба да бидеме присутни пред почетокот на богослужбата ( Литургијата). Ако сме задоцниле, тогаш нашето влегување треба да биде многу внимателно и тивко – без да го одвлекуваме вниманието на оние кои веќе се молитвено активни. За, и околу богослужбата, доколку нешто не ви е јасно, треба да се информирате од вашите презвитери (парохиски свештеници) или служителите во храмот.

2) – Во храмот треба да бидеме пристојно облечени, без пројава на суета и привлечна нападност, не треба да дозволиме со нашиот надворешен изглед, да ги соблазнуваме другите присутни во храмот . Особено жените треба да обрнат внимание на пристојноста на облеката. Не случајно апостол Петар во своето послание го напишал следниот совет: „Вашата убавина да биде не надворешна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на разни облеки, туку да биде внатрешна, во срцето на сокриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога“ (1. Петрово. 3, 3).

3) – Кога ќе влеземе во храмот (наосот), пред целивната икона – која вообичаено се наоѓа во средината на храмот – му се поклонуваме на Бога и ги целиваме со почит ликовите на светиите или преставата на празникот која е изобразена на иконата. При целивање на иконите, треба да се внимава, никако не се целиваат на образот или устата, ликовите преставени на иконите, туку на нозете (доколку е таква иконата), или на долниот крај од иконата. Доколку сакаме да даруваме во храмот, нашиот материјален дар треба да го оставиме на место кое е однапред определено за тоа, најчесто тоа се црковните каси. Не е пожелно парите да ги оставаме по иконите или на други места по храмот (на пример – иконостасот), затоа што никој не смее да знае за нашиот дар. Тој треба да се остави тајно, како што заповеда нашиот Господ: „А ти кога даваш милостиња (дар), да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостиња тајна, и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно“. (Матеј.6. 1-4).

4) – Со нашето влегување во храмот, исто така треба да запалиме свеќа, како за здравје за нас и за нашите ближни, така и за нашите покојни, со кое палење им помагаме истите каде Бог одредил привремено да пребиваат, да бидат во светлост. Свеќата, уште од Стариот завет, е симбол на Божјата светлина и вистина ( 2. Мојсеева. 25, 31 – 39). Кога ја палиме, при принесувањето на нашата лична молитва, ние со нејзината светлина исповедаме дека нашиот Бог е вистинска светлина, а таа вистина не очистува од мракот на незнаењето и исто го очистува гревот во нас. Свеќата треба да ја палиме, доколку во храмот се служи богослужба (особено Литургија), пред и по богослужбата. Зошто? Затоа што свеќата е пропратена со лична молитва, а богослужбата е заедничка молитва на членовите на Црквата. Во заедничката молитва сета Црква се моли и за личните и за заедничките потреби на своите членови.

5) – Верниците треба да знаат дека Олтарот, каде се наоѓа Чесната Трпеза,односно местото каде свештенослужителите ја водат богослужбата, е свето место и не смеат да влегуваат внатре без благослов на свештеникот. Строго е забрането влегување на жени во Олтарот, местото кое е наречено ,,Свјатаја свјатих,, – Според старата црковна традиција за време на богослужбата мажите стојат од десната страна, а жените од левата страна (гледано кон иконостасот). Има многу причини за одржување на оваа традиција, но сепак, на оние кои се во брак и со мали деца им се разрешува да бидат заедно за време на богослужбата од разбирливи практични причини.

6) – Во храмот, за време на заедничката молитва се стои исправено. Оваа исправеност има симболично значење. Таа го симболизира нашиот слободен, воскреснољубовен и синовски однос кон нашиот небесен Отец, односно нашето духовно “стоење” пред Него. Во храмот може да се седи кога се проповеда и кога тоа го дозволува богослужбениот ред. За време на богослужбата дозволено е да се седи само во исклучителни случаеви и тоа; поради немоќ, старост, болест и други причини.

7) – На богослужбата треба сите молитвено да учествуваме. Треба да ги научиме црковните песни и молитви и според дарот за пеење треба сите да пееме, да го славиме Бога. Ако немаме дар за пеење, славењето може да го правиме во себе или тивко, без да ги дразниме другите.Особено, за време на Литургијата (заедничко дело на црковната заедница, на свештенослужителите и верните), потребно е сите учесници заедно да го изговараат „Символот на верата“ и молитвата „Оче наш.“ – Според начинот на кој ние како Црква живееме и учествуваме на богослужбите, а особено на Литургијата, се гледа нашата љубов кон Бога, но и плодот на здравиот спасоносен духовен живот на една црковна заедница. Сите понапред наведени нешта, но пред се – нашата лична вера, животот по заповедите Христови и љубовта – не‘ подготвуваат за нашето причестување (засведочување на нашето единство со Христос) со Телото и Крвта на нашиот воскреснат Спасител.

8) – И за крај – сите треба да знаеме – дека секој од нас, како член на Црквата, е одговорен за квалитетот на заедничкиот духовен живот во Црквата, односно, е одговорен за редот, убавината и молитвеноста на богослужбите, особено на Литургијата.

Comments are closed.
Сите написи се користат само за информирање. Преземање, нивно користење и реемитување се можни со договор на администраторот