Добре дојдовте на инфо страната од МПЦО Свети Наум Охридски Виена, оваа веб страница е изработена за подобра информираност на сите македонци кој живеат и работат во Република Австрија

Годишното членско изборно собрание 2016

Share Button

.
logo mpco

Почитувани браќа и сестри Верници!


Срдечно Ве известуваме дека во НЕДЕЛА 21.02.2016 од 12:00ч ќе се одржи годишното членско изборно собрание на нашата црковна општина!

Денот ќе започне со СВЕТА АРХИЕРЕЈСКА ЛИТУРГИЈА од 10:00 часот – на која ќе чиноначалствува Негово Високопреосвештенство Митрополит Европски Господин Пимен.

• Црковниот управен одбор (ЦУО) срдечно Ве повикува сите Вас – верници, симпатизери на МПЦ и целокупното членство – редовните членови заедно со почесните и со добротворните членови!
• Нашите заеднички обврски како Македонци во дијаспората најдобро си ги знаеме – достоинствено претставување на нашето духовно, културно, општествено и историско наследство на нашата татковина!
• Секој од нас може да придонесе нешто во исполнувањето на тие заеднички обврски!
• Досегашната дадена помош била и секогаш ќе биде признаена и врежана засекогаш во нашата општинска историја! Ве повикуваме сите вас, кои што сте придонесле веќе многу за развојот на нашата општина, да продолжите по тој пат!
• А вас, кои што не сте можеле досега, ве охрабруваме да почнете активно и редовно да ја поддржувате општината!

Нашите врати се отворени за секого кој што доаѓа со добра намера во срцето и сака заедно со нас да ги слави православните празници, кој што сака заедно со нас да се помоли на Бога, кој што сака заедно со нас да ја негува македонската култура, кој што сака заедно со нас да ја изгради и развива македонската општина во Виена и заедно со нас да придонесе за развитокот на македонските општини низ цела Австрија!

ПОЈАСНУВАЊА:

Кој има право да присуствува на годишното членско собрание?

  • Секој Македонец и секој симпатизер на МПЦ-ОА има право да присуствува, да дава предлози и активно да се вклучи во дискусиите.

Кој има право да гласа за дадените предлози на годишното членско собрание?

  • Секој возрасен кој се наоѓа на списокот на донатори и што почнал со уплата на парохијалот пред најмалку 1 година. За да си го оствари своето право лицето треба да е лично присутно.

Кој може да биде избран за член на одбор [Контролен Одбор (КО), Советодавен Одбор (СО) и Црковен Управен Одбор (ЦУО)] или член на секција (оддел на црковната општина)?

  • Секој возрасен кој – пред се – кој има воља да работи и помага во интерес на црквата!

Кој може да биде избран/потврден како претседател на одбор?

  • Секој возрасен кој се наоѓа на списокот на донатори, со редовно членство од најмалку 3 години, досега уплатени финансиски средства најмалку ЕУР 1.000,- и се стекнал со посебни заслуги за црквата.

    ДНЕВЕН РЕД

    (Со благослов од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски Г. Пимен)

Општо правило: секое обраќање на раководството ограничено на 5мин; секое прашање од членовите и секој одговор на раководството ограничени на 2мин; само уште едно под-прашање.

1. Отворање од страна на претседателот на ЦУО Љупчо ДОМАЗЕТОВСКИ

2. Молитва и благослов од присутниото свештено лице

3. Избор и потврдување на работното претседателство

4. Утврдување на присуство

5. Извештај на претседателот за работењето на ЦУО во сегашниот мандат

6. Извештај од страна на благајникот на ЦУО Борис КИСЕЛОСКИ за финансиската состојба

7. Извештај од страна на секретарот на ЦУО Златко П. НИКОЛОВСКИ за административните дејности и комуникацијата

8. Извештај од страна на КО (контролниот одбор)

9. Извештај од страна на СО (советодавниот одбор, „Судот На Честта“)

10. Отворена дискусија за сегашната состојба (Раководството одговара на прашањата од присутните)

// ПАУЗА 30 мин

11. Избор на претседател на Црковниот Управен Одбор (ЦУО) Секој присутен со гласачко право ќе се легитимира пред работното раководство. По утврденото присуство, тој добива гласачки лист и гласа тајно во кабина. Гласачкиот лист го става во гласачката кутија. По избројувањето на дадените гласачки листови (јавно пред сите присутни), работното раководство дава официјална изјава за изборот.

12. Пријавување на членови на трите одбори и нивно потврдување Пријавените кандидати се прифатени и потврдени од страна на собранието ако нема приговор.
Ако има приговор против некое пријавено лице ќе следи гласање.

13. Отворена дискусија за развој на МПЦО Св. Наум Охридски – Виена Новото раководство се претставува, ги прима и коментира предлозите од страна на присутните. Новото раководство во рок од една недела мора да одржи конститутивен состанок. Потоа треба да изработи програма за понатамошниот развој и да ја претстави пред членството.

14. Полагање усна и писмена заклетва на ново-избраниот претседател и на потврдените членови на трите одбори.

  • Во прилог ви доставуваме и пристапница – Која би требало секој еден македонец да ја потполни, пред се за евиденција и подобра комуникација за споделување на информациите поврзани со нас.
    >>> ПРЕЗЕТЕМЕ ЈА ПРИСТАПНИЦАТА ТУКА! < <<

cropped-1391453_662525073778178_247535175_n1.jpg

Црковен Управен Одбор на
МПЦО Св. Наум Охридски Виена

Comments are closed.
Сите написи се користат само за информирање. Преземање, нивно користење и реемитување се можни со договор на администраторот