Menu
0 Comments
Share Button

Македонскиот државен ансамбл за народни игри и песни ТАНЕЦ од Скопје,
ќе гостуваат во Виена!
Сабота, 1-ви јуни 2013 организација на МПЦО Свети Наум Охридски и КУД Македонка од Виена.


Почитувани љубители на македонскиот фолклор,

Конечно нашата долгогодишна заедничка желба ќе стане реалност.
Конечно ќе затрепери македонското срце во 7/8, а очите и душата ќе се наполнат со радост и среќа.
Чим звукот на зурлата писне и татнежот на тапанот грмне, започнува тој магичен миг, кога се пред нас станува вечност и извикуваме:

„О тешкото ! …во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто навирува река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик –
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.“

Ниедно друго оро од нашата богата фолклорна ризница, не го отсликува така мачното минато, длабоката тага и копнежот за слобода на Македонците, навидум едно обично оро, но со толкава симболика и енергија, нешто дадено со аманет од нашите предци да го чуваме како најсвета тајна.


Премиерно во австриската престолнина ќе имаме можност да им се восхитуваме на заеднички спектакуларен концерт на:

Македонскиот државен ансамбл за народни игри и песни

„ТАНЕЦ“ од Скопје,

и Македонското фолклорно друштво

„МАКЕДОНКА“ од Виена,

на ден Сабота, 1. Јуни 2013 г.

во Festsaal Längenfeldgasse 13-15, 1120 Wien

со почеток од 20:00 часот

Ексклузивна и оригинална изведба на „Тешкото“
и на останатите прекрасни и богати македонски кореографии
незаборавен и спектакуларен концерт за долго сеќавање.



„ТАНЕЦ“ е симбол на македонската култура и уметност, шест децении на своето постоење е амбасадор и презентер на македонското фолклорно творештво кај нас и на сите континенти на земјината топка, подвижен музеј на она најубавото, исконското, непроценливото македонско фолклорно богатство, кое претставува идентитет и историја на македонскиот народ. Првото претставување на ТАНЕЦ надвор од Македонија е на меѓународниот фестивал во Ланголен – Англија во 1950 година, каде Ансамблот добива прва награда. Потврда за успешно презентирање на македонското фолклорно богатство надвор од земјата со во и вон неа над 4500 концерти, фестивали и други културни приредби и со над осум милиони посетители.

КУД „МАКЕДОНКА“ е нашиот единствен македонски фолклорен бисер во Виена, друштвото работи и опстојува веќе од 2005 год., љубовта на децата спрема македонската култура и татковина успеавме со макотрпна работа да ја преточиме во ова друштво и со сопствени сили создадовме цврст темел за сегашните и за идните генерации, кој треба да се зацврстува и надградува. Среќни сме што и во Австрија гордо и успешно се вее македонскиот фолклорен бајрак, несебично помогнати од црковната општина „Св.Наум Охридски“ , нашиот спонзор „Тони Травел“ и ред други помагатели и симпатизери за кои овој простор е премал да ги именуваме но воедно тука јавно им се заблагодаруваме за нивната подршка.

Ве повикуваме овој прекрасен настан заеднички да го прославиме и гордо со кренати глави да ги пречекаме нашите културни амбасадори, да бидеме добри домаќини а салата да ја исполниме до последно место како што треба и прилега за една ваква манифестација.

Од 8ми до 31ви Март 2013 г. влезниците ќе можат директно и ексклузивно да се купат САМО преку црковната општина „Св.Наум Охридски“ или КУД „Македонка“ и на тој начин на Вас ви ги нудиме ексклузивно најубавите места и апелираме што поскоро да си обезбедите карта бидејќи местата се лимитирани на 600, а интересот е преголем.
Од Понеделник, 1ви Април 2013 год. почнува официјалната јавна продажба на преостанатите карти за другите заинтересирани и останатата австриска јавност преку www.oeticket.com

ЦЕНА на влезниците:

ВИП карта: 50.- ЕУР од 2ри до 5ти ред, во цената е вклучен мал коктел со сект и закуска пред концертот.

Обична карта: 30.- ЕУР од 6ти до 18ти ред.
За студенти до 27 г. и деца од 6 до 18 г. попуст -5 евра, а деца до 6. год. бесплатно без право на сопствено место за седење.